ДОН АНДРЕС ОДБРА СИМБОЛИЧЕН ДАТУМ ЗА ПЕНЗИЈА
Објавено на: 01.10.2024
Еден од најдобрите и најтрофејни фудбалери во историјата на шпанскиот фудбал, Андрес Иниеста, следната недела и официјално ќе стави крај на неговата богата кариера.
Последно играше во Обединетите Арапски Емирати, но Иниеста моментално е без клуб и чека еден посебен датум за да ја официјализира пензијата. Имено, дон Андрес на 8 октомври ќе ја соопшти одлуката, бидејќи „8“ е неговиот омилен број, додека октомври е месецот во кој пред 22 години дебитираше за сениорскиот тим на Барселона, а таа шанса му ја даде Радомир Антиќ.
Иниеста ќе се памети како еден од најдобрите играчи од златната генерација на Црвената фурија. Неговиот гол во мундијалското финале во 2010 година ја донесе првата и единствена светска титула за Шпанија, додека во 2008 и 2012 беше и европски шампион.
Со Барселона освои сѐ што можеше да се освои и тоа повеќепати. Иниеста брои 29 трофеи со Каталонците, од кои 9 се лигашки титули, 4 Лига на шампиони и уште многу купови и суперкупови.