Фудбал

БЕРНАРДО КАЖА КОЈА Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ ЛИВЕРПУЛ И АРСЕНАЛ

Манчестер сити во последните секунди се спасуваше од пораз во дербито против Арсенал, конечните 2-2 на „Етихад“ ги постави Стоунс во седмата минута од судиското надополнување. Топчиите на тој начин испуштија ретка прилика да слават против Сити на гостински терен по 9 години пауза, додека мечот произведе доста контроверзи.

Дел од медиумите му честитаа на тимот на Артета за дефанзивниот пристап, особено откако гостите останаа со играч помалку по црвениот картон на Тросар, но ѕвездата на Сити има поразлично мислење и направи споредба меѓу ривалството со Ливерпул и ова со Арсенал.

„Ливерпул во деновите кога ни беше прв ривал за трофеите, успеа да ги освои титулите во Премиер лигата и во Лигата на шампионите, додека Арсенал уште ништо нема освоено. Секогаш кога играме против Ливерпул, нивната намера е да нѐ победат. Од таа перспектива, натпреварите против Арсенал не се какви што беа против Ливерпул“, истакна Силва.

Слична критика изјави и Родри минатата сезона кога Сити успеа да ја одбрани титулата, анализирајќи го пристапот на Лондончани дека нивната намера е да останат непоразени, но не и да го совладаат актуелниот англиски првак.