НИТУ РЕАЛ, НИТУ БАРСА СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ТРОШАЏИИ ОД ШПАНИЈА ОВА ЛЕТО
Објавено на: 21.08.2024
Се бројат деновите до затворањето на летниот преоден рок, период во кој се случуваат многу брзи, но и неочекувани трансфери. Поголем дел од екипите се комплетираа, а што се однесува до шпанските гиганти, ситуацијата е различна кај Реал Мадрид и Барселона.
Кралевите ги доведоа Килијан Мбапе и младиот Ендрик, со што завршија со летниот шопинг. Барселона пак, по ангажманот на Дали Олмо се обидува да ја освежи екипата на Ханси Флик со барем уште еден играч во средниот ред или нападот, но според моменталната ситуација, Ел Класико ривалите нема да бидат најголемите трошаџии од Шпанија ова лето.
Меѓу најактивните клубови на пазарот е Атлетико Мадрид. Јорганџиите денес го претставија Конор Галагер од Челси како нов член, а сумата од 42 милиони евра за неговиот трансфер ја надмина цифрата од 180 милиони евра кои Атлетико ги потроши досега.
Галагер е четврто засилување за тимот на Симеоне, претходно потпишаа Робин Ле Норман (34.5 милиони евра), Александер Сорлот (32 милиони евра) и Хулијан Алварес (75 милиони евра + бонуси).
Вкупната сума од 182.5 милиони евра за четворицата нови играчи ги прави Јорганџиите најголеми трошаџии од Ла Лига ова лето, а дали инвестициите ќе се покажат како вистински избор и ќе напаѓаат трофеи сезонава, ќе покажат крајните резултати.