МБАПЕ БАРА ПОМОШ ОД УЕФА ВО СПОРОТ СО ПСЖ
Објавено на: 20.08.2024
Килијан Мбапе и ПСЖ и натаму имаат нерасчистени сметки, и покрај тоа што францускиот офанзивец уште по крајот на јуни го напушти гигантот од Париз.
Станува збор за сума од околу 55 милиони евра во неисплатени плати, како и бонус за имиџ права, но и дел од сумата од 80 милиони евра која беше ставена како бонус при потписот на последниот договор на Мбапе со Светците. Оваа сума веќе извесно време не е исплатена, по што се шпекулираше за покренување тужба против шампионот на Франција, доколку парите не се исплатат во најскоро време.
Сега Мбапе отиде чекор понапред и реши да побара помош од УЕФА, лигашката федерација на Франција, како и француската фудбалска федерација со цел да изврши притисок врз ПСЖ.
На Мбапе му недостасуваат плати за април, мај и јуни, покрај неколку бонуси, па надежите се дека федерациите ќе се здружат и испланираат строга казна за ПСЖ доколку не се подмират сметките со новата суперѕвезда на Реал Мадрид.