Фудбал

ПЕП ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА КАМБЕК НА ГЕРМАНЕЦОТ НА „ЕТИХАД“

Илкај Гундоган по само една сезона во Барселона се наоѓа пред камбек во редовите на Манчестер сити, пренесуваат повеќе медиуми вклучувајќи го и добро информираниот Фабрицио Романо.

Од таборот на Каталонците решија да се ослободат од огромната плата на германскиот репрезентативец со цел да обезбедат средства за нови засилувања во последните денови од преодниот рок, но воедно и да го регистрираат Дани Олмо. Во меѓувреме Пеп Гвардиола даде зелено светло за реализација на потписот на Гундоган, кој му беше прво засилување кога Шпанецот застана на кормилото на Граѓаните во летото 2016 година.

Гундоган дојде на „Камп ноу“ како слободен агент откако помина седум години во Сити и пред заминување ја освои тројната круна, по што реши да му се посвети на тимот кој лани го водеше Чави Ернандес.

Речиси сигурно навивачите на Сити повторно ќе го видат Гундоган во дресот на актуелниот англиски првак, останува трансферот без отштета да се оствари во наредните денови.