КОМПЈУТЕРСКИ СОФТВЕР ЌЕ ГИ ОДРЕДИ ПРОТИВНИЦИТЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Објавено на: 31.07.2024
Во сезоната 2024/25, Лигата на шампиони ќе се игра по изменет формат, како што е познато. Наместо 8 групи од по 4 екипи, најдобрите 36 екипи во Европа првично ќе се сретнат во лигашки систем преку кој ќе се брка пласман во нокаут фазата. Тоа значи дека повеќе нема да се одржуваат ждрепки во живо со извлекување, туку УЕФА се потпре на вештачката интелигенција.
Имено, софистициран компјутерски софтвер ќе ги одреди противниците во лигашкиот дел, додека истиот софтвер ќе ги одреди и термините за натпреварите, односно во кои дуели екипите ќе бидат домаќини, а во кои гости.
На овој начин ќе се убрза процесот на извлекување на противниците, бидејќи со користење на досегашниот систем би биле потребни 1.000 топчиња и 36 садови во кои истите би биле сместени.
Автоматизираната ждрепка ќе се одржи на 29 август, по завршувањето на квалификациската фаза.