ЦЕСК ФАБРЕГАС – И ГАЗДА И ТРЕНЕР НА НОВИОТ КАЛЧОЛИГАШ
Објавено на: 20.07.2024
Цеск Фабрегас и во наредните четири години ќе биде на кормилото на Комо, повратникот во Серија А, соопшти клубот.
Практично, поранешниот шпански фудбалер сам себе си додели нов договор со оглед на тоа дека е еден од акционерите во клубот, заедно со Тиери Анри.
Фабрегас минатата сезона ја почна како тренер на У19 тимот на Комо, но по отказот на Морено Лонго, привремено ја презеде екипата и ја предводеше до промоција во италијанската елита. Со тој успех докажа дека има капацитет да биде тренер на првиот тим иако нема големо искуство, па управата одлучи оваа соработка да се обнови и да ѝ се даде доверба на поранешната ѕвезда на Арсенал, Барселона и Челси.
Комо има големи амбиции, а тоа го покажуваат ангажманите на Андреа Белоти, Алекс Морено, Пепе Рејна, фудбалери со огромно искуство, а воедно се чека и пристигнувањето на Рафаел Варан, кој како и другите ќе биде ангажиран без отштета.