АЛКАРАС СО ВОСХИТ КОН НОЛЕ: НЕ МИ Е ВЕРНО ДЕКА ЗАКРЕПНА ДВЕ НЕДЕЛИ ПО ОПЕРАЦИЈАТА И СТИГНА ДО ФИНАЛЕ
Објавено на: 14.07.2024
Карлос Алкарас успеа да ја одбрани титулата на Вимблдон по убедливите 3:0 во сетови (6-2, 6-2, 7-6) против Новак Ѓоковиќ во репризното финале од минатата година.
Шпанецот на доминантен начин стигна до четвртиот гренслем-трофеј во кариерата, а по финалето имаше само пофални зборови за најтрофејниот тенисер на сите времиња. Алкарас со восхит говореше за Новак и неговиот тим, за целиот перформанс на Вимблдон и успешната мисија во која српскиот тенисер закрепна за помалку од еден месец по операцијата на коленото.
„За малку ќе заборавев да го поздравам Новак и неговиот тим. Вие направивте неверојатна работа во изминативе две недели. Се оперираше по Ролан Гарос и успеа да се вратиш на терените, и не само тоа, туку стигна и до финале на Вимблдон, на овој опасен терен. Токму за ова разговарав со мојот тим, не ми се верува дека за само две недели успеа да закрепнеш и играш на нивото на кое играше. Огромен респект за тоа“, истакна Алкарас.