РОМАНИЈА И СЛОВАЧКА, КАКО СКАНДИНАВЦИТЕ НА ЕВРОВИЗИЈА?
Објавено на: 24.06.2024
Математиките во пресрет на последното коло од групната фаза почнаа да се решаваат, а една од најинтересните равенки без многу непознати е во групата Е.
За што станува збор?
Сите четири репрезентации (Романија, Словачка, Белгија и Украина) имаат по 3 бода. Во последното коло играат Романија и Словачка, додека Белгија игра против Украина. Математиката за оваа група вели дека доколку Романија и Словачка одиграат нерешено и двете репрезентации се пласираат понатаму, но некој како втор, некој како трет во група, во зависност од исходот на натпреварот помеѓу Белгија и Украина.
На Лукаку, Де Брујне и компанија потребен им е бод против Украина за да обезбедат пласман понатаму, но на Украина и игра само победа ако сака да остане во Германија уште недела дена. Сепак, она што ја загрижува УЕФА и сите неутрални фудбалски фанови е натпреварот помеѓу Романија и Словачка. Во случај на нерешен исход и двете репрезентации ќе се пласираат понатаму, нo она што веројатно ги засега е со кој вкрстуваат понатаму, па поради тоа веројатно ќе сакаат да бидат подобро пласирани.
Во случај на нерешен резултат на двата дуели, Романија е прва, Белгија втора, а Словачка трета. Но во случај на нерешено помеѓу Романија и Словачка, а победа на Белгија, Белгија ќе биде првопласирана, а дуелот за второто место доколку заврши нерешено ќе им припадне на Романците, а Словаците ќе бидат трети и веројатно ќе се пласираат понатаму, но со многу потежок противник.