ДИМИТАР, ФЛОРИЈАН И БОРИС – ПОБЕДНИЦИТЕ НА ФАНТАЗИ ЗЛАТНА КОПАЧКА ЛИГАТА
Објавено на: 09.06.2024
Премиерната сезона на Фантази Премиер лигата на Златна Копачка заврши пред извесно време, и можеме да се пофалиме за успешното деби за нас во фантазирањето. Повеќе од 3.500 играчи се приклучија во нашата лига, од викенд до викенд ги менаџираа своите тимови со цел да стигнат до подароци по секое коло, кога делевме ваучери за најдобрите тројца учесници.
Сега, на ред е да ги претставиме најдобрите фантазери во генералниот пласман, кои собраа најмногу поени од почетокот до крајот на сезоната, а воедно и да им честитаме за одличното фантазирање.
Димитар Димоски со неговиот тим „lemonadejimmy“, собра вкупно 2.632 поени, а првото место го освои во фото-финиш завршницата, кога во последното коло освои 72 поени и излезе на првото место со еден поен повеќе од второпласираниот Флоријан. Благодарение на одличното „фантазирање“, Димитар се поднови со iPhone 15.

Како ти се допадна дебитантската сезона на Фантази Златна Копачка и дали очекуваше ваков крај?
Ми се допадна тоа што имавме можност да учествуваме во компетитивна лига. Подароците беа многу привлечни, мислам дека тоа беше мотивот сите да влеземе со натпреварувачки став и навистина да играме. Среќен сум што имав успешна сезона, бидејќи ова е првпат да добијам подарок за учество во некоја Фантази лига, а не само што добив подарок, туку и бев најдобар. Бев мотивиран со тоа што сакав да ризикувам. Мислам дека немаше да бидам прв доколку не правев драстични промени во тимот во одредени делови од сезона. Имав среќа, но и бев многу упорен во текот на целата сезона.
Кои играчи најчесто ти беа капитени, имаше ли омилен играч?
Палмер ми беше капитен во последното коло, таа одлука беше клучна за го освојам првото место со минимална бодовна предност. Халанд многу често го користев како капитен во текот на сезоната, но сепак Палмер во неколку наврати ми донесе огромен број на поени.
Што беше клучно за да имаш успешна сезона?
Мора редовно да се освежува тимот, но и да се следат информации како форма, здравје на играчите, па и да се следи конкуренцијата – како останатите играчи ги менаџираат своите тимови. Тоа спаѓа во делот упорност, треба да се биде истраен до крај ако сакаш да имаш успешна сезона. Јас имав и помош од мојот пријател Боби, кој ми помагаше во сите сегменти, од предлози за составување тим до бирање капитен, кои трансфери во кое коло да ги направам, потсетување кога истекува трансфер период и мило ми е што тактиката на крајот ни успеа.
Да испратиш порака до останатите фантазери кои не учествуваа во нашата лига?
Фантази лигата на Златна Копачка не е само компетитивна, туку и забавна. Во текот на сезоната поминувате низ низа емоции, а и натпреварите со Фантази се поинтересни за следење. Затоа ги повикувам сите играчи на Фантази лигата следната сезона да се приклучат во лигата на Златна Копачка.
Имаше што да каже и Флоријан, на кој за влакно му избега првото место, но како второпласиран си доби играчка конзола PlayStation 5, откако заврши со вкупно 2.631 бода.

Имаш ли омилен тим од Премиер лигата, зошто се приклучи на нашата Фантази лига?
Кога ја видов вашата објава на социјалните мрежи, решив да се приклучам. Инаку, навивам за Реал Мадрид, иако англиското првенство ми е омилено за гледање.
Кои играчи најчесто ги ставаше во твојот тим, менуваше ли капитени?
Составувањето на тимот, нормално зависеше од формата на играчите. Менував по потреба или во случај некој фудбалер влезе во серија со голови и асистенции. За капитени користев тројца играчи, прво Халанд и Салах, а потоа и Палмер од Челси, бидејќи имаше страшна сезона. Сепак, кога ми беше најпотребно, Палмер не ми беше капитен, а тоа ме чинеше пад на второто место во последното коло, за жал.
Имаш ли порака да испратиш до останатите учесници и до оние кои не беа дел од нашата лига?
Прво, би им посакал среќа на сите што ќе играат следната сезона, а на останатите би им порачал да се приклучат бидејќи е забавно да се игра, а можеби и ќе стигнат до некој подарок како мене.
Борис Даев, третиот најдобар фантазер во генералниот пласман, заврши со 2.587 поени, беше доволно да добие подарок Samsung A8 Galaxy таблет.

Што те привлече за да учествуваш во дебитантската сезона на нашата Фантази лига?
Решив да играм за забава, и онака веќе неколку сезони учествувам во други лиги, па си реков зошто да не учестувам и во некоја домашна лига. Плус, подароците беа прилично интересни.
На кои играчи најмногу се потприраше во текот на сезоната, каква тактика користеше?
Шампионската трка во Англија беше меѓу Сити и Арсенал, нивните играчи беа најконстантни, од нив најмногу користев. Капитените ги менував во зависност од формата и здравјето, Халанд, Сака и Фоден ми беа фаворити. Тактиката не би ја открил, сакам да ја чувам за следната сезоната да бидам поуспешен.
Можеше ли да предвидиш ваков крај на сезоната?
Бев блиску со двајцата учесници пред мене во текот на сезоната, но мислам дека во последните неколку кола ја утнав работата со капитените. Флоријан и Димитар успеаја да се одлепат благодарение на нивните капитени кои ја направија разликата, а јас останав на третото место.
Уште еднаш, им честитаме на Димитар, Флоријан и Борис за фантастичната сезона која им ги донесе подароци и им посакуваме уште вакви успеси во иднина. А, останатите фантазери, нека се подготват за новата сезона која почнува во средната на август.