Фудбал

ПРЕД ИЛИНДЕН, БОБИ МИЛЕВСКИ ЌЕ СТАНЕ НОВ СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА

Игор Ангеловски заминува, а нов селектор на А – репрезентацијата на Македонија ќе биде Благоја Милевски. Предводникот на младиот национален тим, кој во 2017 година ја одведе Македонија на првото Европско првенство во конкуренција на фудбалери до 21 година, од 1 август и официјално ќе ја преземе најдобрата фудбалска репрезентација. Негов наследник во У21 – тимот ќе биде Драган Канатларовски.

„Од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација. Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А репрезентација. Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи“, изјави претседателот Муамед Сејдини по денешната одлука на УО на ФФМ за именување на нови селектори од 1 август.