ЗЛАТНОТО ВАРДАРОВО МОМЧЕ ОДИ ВО ПЕНЗИЈА
Објавено на: 21.05.2024
Еден од најдобрите хрватски ракометари и еден од најзаслужните за титулите на Вардар во Лигата на шампионите најави заминување во пензија по завршување на оваа сезона.
Иван Чупиќ ги игра своите последни минути на паркетот, откако со неговиот Загреб има предност од 2:0 во плејофот против Нексе кој се игра во три добиени натпревари.
Хрватското крило запиша повеќе од 130 настапи за хрватската репрезентација и иако загуби прст од раката, тоа не беше препрека за огромен број на погодици и минути на ракометните терени ширум Европа.
Кариерата ја започна во Меткович, па играше за Медвешчак, Октавио Виго, Горење, Рајн Некар, Кјелце, Вардар и на крај во Загреб.
Не се надевам, туку сигурен сум дека ова ќе ми биде последен натпревар. Она што е важно е Загреб да продолжи да игра добро и да ги остварува своите цели. Јас сакам да продолжам како тренер, да видам дали е тоа работа за мене или не.
Најверојатно, тој ќе биде дел од стручниот штаб на Загреб, а зошто еден ден да не го видиме и како тренер на македонска екипа?
Среќно во пензија Иване!