ПРЕСЕЛБАТА НА СТОЛЕ ВО ВАЛЕНСИЈА ПОД РИЗИК ПОРАДИ ГРУЗИСКИОТ ГОЛМАН?
Објавено на: 11.05.2024
Столе Димитриевски, македонскиот репрезентативец и прв голман на Рајо Валјекано, пред извесно време ги договори личните услови со Валенсија за преселба без обештетување по крајот на сезона, но, како што се наближува 30 јуни, така неговиот трансфер сè повеќе е под ризик да не се реализира.
Имено, Валенсија треба до 30 јуни да го продаде Гиорги Мамардашвили, актуелниот прв голман на Лилјаците, па дури тогаш Димитриевски ќе ја официјализира преселбата на „Месталја“. Грузискиот чувар на мрежата треба што поскоро да најде нова средина, во спротивно Столе во обид да избегне да остане без клуб, многу веројатно ќе го продолжи договорот со Рајо или ќе се одлучи за некоја од понудите од Саудиска Арабија.
Димитриевски засега може да се надева дека сепак ќе го реализира трансферот во Валенсија, бидејќи постои голем интерес за Мамардашвили, кого клубот го вреднува меѓу 25 и 35 милиони евра.
За потсетување, еден трансфер на Димитриевски пропадна пред неколку години поради слични причини и тоа во Барселона. Столе чекаше Нето да биде продаден за да биде бек-ап опција на Тер Штеген на „Камп ноу“, меѓутоа Нето од непознати причини не ги напушти Каталонците, па на Димитриевски не му се исполни животниот сон.