ДВЕ ОПЦИИ ЗА РОСОНЕРИТЕ ДА ГО ЗАМЕНАТ ЖИРУ
Објавено на: 28.03.2024
Милан ја започна потрага по нов класичен напаѓач набрзо по потврдата дека Оливие Жиру заминува во Лос Анџелес по крајот на актуелната сезона.
Росонерите бараат искусен голгетер со слични предиспозиции на Жиру, кој би влијаел врз играта на повеќе начини и при тоа ќе биде човекот од одлука. Изборот се падна двајца напаѓачи, од кои едниот им е добро познат на оперативците во миланскиот клуб.
Се работи за Ромелу Лукаку од Челси, кој моментално е на позајмица во Рома, а вториот е Гонкало Рамос од ПСЖ. И за двајцата, понудата за ангажман би бил привремен, односно позајмица со опција за откуп на договорот.
Рамос не може да се истакне во Париз во својата прва сезона и често добива шанса од клупа, па Светците би го пуштиле во друг клуб следната сезона без поголеми проблеми. Што се однесува за Лукаку, тој има желба да остане во Рома, но Волчицата нема средства со кои би го покрила трансферот, а Челси ќе се обиде да се ослободи од Белгиецот летово. Лукаку воедно ги бранеше боите на Интер, па прашање е дали би заиграл за лутиот ривал на Нероаѕурите.
Како и да е, управата на Милан ќе има тешка задача да го замени рекордерот на Франција кој и покрај тоа што има 37 години, и тоа како е важен за тимот на Пиоли.