БИЛЕТИ ПО НЕВЕРОЈАТНИ ЦЕНИ СЕ ПРОДАВААТ ЗА ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ НА КЛОП НА „ЕНФИЛД“
Објавено на: 25.03.2024
На 19 мај Ливерпул и Вулверхемптон ќе се сретнат во рамките од 38-то коло во Премиер лигата, меч кој ќе биде последен за Јирген Клоп на „Енфилд“ како менаџер на Црвените. Билети за овој натпревар речиси и да нема поради големиот интерес, додека на интернет се препродаваат по неверојатни цени, од лица кои повеќе сакаат да заработат, отколку да бидат дел од значајниот настан.
Имено, цената на еден билет за седиште позади клупата на Ливерпул чини речиси 30.000 евра во препродажба. Луѓето кои ги препродаваат овие билети, многу веројатно ги купиле извесно време порано, директно од клубот по регуларни цени од 70 евра.
За споредба, за последниот натпревар на Сер Алекс Фергусон на „Олд трафорд“, се препродаваа билети од околу 2.500 до 3.000 евра, што може да се каже дека е понормална цена во однос на билетите кои се продаваат за мечот Ливерпул – Вулверхемптон.