Фудбал

ТОП 5 ПРИЧИНИ ЗОШТО РЕАЛ НЕМА ДА ЈА ОСВОИ ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ

Се бројат деновите до почетокот на 1/4 финалните двомечи во Лигата на шампионите, каде ќе гледаме врвни дуели меѓу трофејните великани. Реал Мадрид – Манчестер сити е двомечот на кој е насочено целото внимание, се смета за финале пред финалето, а многу веројатно еден од овие два гиганти ќе се бори за трофејот со големите уши во јуни на „Вембли“.

Сепак, оваа рубрика е посветена на причините поради кои една од овие две екипи нема да ја освои Лигата на шампиони, а денес ќе ги наведеме причините поради кои Кралевите нема да бидат европски владетели по 15-ти пат.

 

1. ПАРИТЕ ЗА СУДИИ ПЕРЕЗ ГИ ПОТРОШИ ЗА ПЛАТА ЗА МБАПЕ

Веќе извесно време Кралевите се подготвуваат за ангажманот на Килијан Мбапе, за кого ќе се троши богатство во плати и бонуси, па на Перез нема да му останат средства да ги поткупи судиите.

 

2. КОЈ ЌЕ ДАВА ГОЛОВИ НАМЕСТО БЕНЗЕМА?

Искусниот Французин беше лидерот на Реал во освојувањето на 14-тиот трофеј, a откако замина Бензема, на Анчелоти му недостасува расен голгетер кој ќе одлучува натпревари.

 

3. ПЕП ЗНАЕ КАКО ПРОТИВ РЕАЛ

Третпат во низа Реал и Сити ќе се сретнат во нокаут фазата, вкупно четврти пат откако Гвардиола во води англискиот тим. Засега Пеп води 2-1 во елиминации, а и во минатото успевал да го елиминира Реал како тренер на Барселона.

 

4. ФАЛИ КУРТОА НА ГОЛОТ

Отсуството на белгискиот голман е огромен хендикеп, иако имаше надежи дека можеби ќе се врати меѓу диреците точно за овој четвртфинален дуел. Сепак новата повреда на коленото го оддалечи Куртоа од камбек на терените.

 

5. СИТИ МЕЃУ РЕТКИТЕ ЕКИПИ СО ПОБЕДИ НА „БЕРНАБЕУ“

Реал по петти пат ќе го пречека Сити во својот фудбалски храм, па иако Кралевите имаат позитивен скор на домашен терен против актуелниот европски првак, сепак тимот на Анчелоти памети еден пораз од Сити на „Бернабеу“, што значи овој стадион не е неосвоива тврдина за гостите од Островот.