Фудбал

ПОМИНАА ПОВЕЌЕ ОД 1.000 ДЕНА ОД ПОСЛЕДНИОТ ГОЛ НА БАРСА ВО НОКАУТ-ФАЗАТА ОД ЛШ

Барселона вечерва го прекинува постот без настап во нокаут-фазата од Лигата на шампионите по три години пауза, или поточно откако Лионел Меси играше за каталонскиот гигант, а избраниците на Чави ќе имаат задача да прекинат и уште еден пост.

Актуелниот шпански првак треба да ја затресе мрежата на противниците за да се стави крај на одборјувањето на денови кога последен пат Барса постигнала гол во нокаут фаза од ЛШ.

Поминаа точно 1.078 дена, односно 35 месеци и 4 недели, а поинтересен е фактот што токму Меси е последниот играч кој се радувал на гол во дресот на Каталонците во оваа фаза од најелитното европско натпреварување.

Лео го постигна тој гол против ПСЖ во реванш средбата која се одигра во Париз и заврши со 1-1, а клупската икона запиша мајсторски погодок од далечина. Од составот кој во тој меч го предводеше Роналд Куман, останати се само двајца играчи, а тоа се голманот Марк Андре Тер Штеген и Педри.

Ќе успеат ли избраниците на Чави да се радуваат на гол во Неапол?