ПОДАТОЦИ СПОРЕД КОИ ЛЕБРОН УШТЕ Е КРАЛ ВО НБА
Објавено на: 18.01.2024
Леброн Џејмс ноќеска беше еден од носителите на Лејкерси во победата над Далас со 127:110. Sвездата на Езерџиите постигна 25 поени со по 8 скока и асистенции. За него, тоа е просек сезонава но и годините наназад, а има неколку податоци со кои уште ја оправдува титулата на „Кралот на НБА“.
Имено, откако постои американската кошаркарска лига, вкупно 4.374 играчи забележале барем еден настап, а Леброн има играно против 35% од нив. Тоа е над 1.530 играчи кои зачекориле на НБА терените, а се соочиле со еден од најдобрите во историјата.
Што се однесува до вкупниот учинок, Џејмс треба да постигне уште 409 поени за да стигне до вкупно 40.000 поени во НБА лигата и да биде единствен во оваа категорија. Колку за споредба, од топ 10 најдобрите поентери, само Кевин Дурант е активен и има околу 12.000 поени помалку.
Во споредба со едни од најдобрите кои некогаш играле во НБА, Мајкл Џордан и Коби Брајант, Џејмс бележи 19 последователни сезони со просек 25 поени и по 5 скока и асистенции. Мајкл и Коби го сториле тоа во двојно помалку сезони.
Пред крајот на 2023 година, Џејмс наполни 39 години, но се чини дека не планира во скоро да стави крај на кариерата, а се шпекулира дека чека еден од синовите да заигра во НБА за да одиграат барем еден меч за ист тим.
Луди бројки, зарем не?