САНЧО ИГРАЛ ПИПЕРЕВКА КАЈ РАГНИК
Објавено на: 12.01.2024
Во интервју од денес, поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед ги изрази своите размислувања за заминувањето на Џејдон Санчо „дома“, назад во Дортмунд на позајмица до крајот на сезоната.
Англискиот крилен напаѓач влезе во конфликт со Тен Хаг, по натпреварот со Арсенал. Според тогашните извори од таборот на црвените ѓаволи, Санчо покажал незалагање на тренинзите, Тен Хаг го казни, а потоа тој на социјалните мрежи објави дека е „жртвено јагне“. Од тогаш, холандскиот тренер го исклучи Санчо од тимот, барајќи да се извини за да го врати, што англискиот репрезентативец одби да го направи истото.
Според Ралф Рагник, Санчо никогаш не покажал такви карактеристики додека тој беше тренер на Манчестер Јунајтед и напротив, секогаш бил културен, фин и со залагање на тренинзите.
Тој беше најдобар кога беше во Дортмунд, но кога беше фит, секогаш играше додека јас бев тренер. Не знам што се случи во Јунајтед, но сега ќе треба навистина да се врати во ритам и форма, а Дортмунд е совршеното место за промена. Додека јас го водев, во тие 6 месеци, немав ниту еден дисциплински проблем со него, напротив, секогаш беше смирен и културен дечко.
На Санчо му ја вратија 10 на грбот на жолтиот дрес, а според социјалните медиуми на Дортмунд, се чини како Англичанецот никогаш да не заминал од Сигнал Идуна Парк, бидејќи повеќе од очигледна беше радоста на неговото лице.