Фудбал

АКО МОЖЕШЕ ПАНЧЕВ ДА ИМ ДАДЕ ТРИ ГОЛА, МОЖЕМЕ ДА ГИ РАЗБИЕМЕ И ДЕНЕС

За настапите на македонската фудбалска селекција, кои со нетрпение ги очекува целата наша нација, зборувавме со доајенот на македонското спортско новинарство, еден од најсикусните коментатори во нашата историја, човекот кој има најмногу олимписки игри зад себе, спортски функционер во повеќе наврати, поранешен спортист.

Го прашавме Зоран Михајлов, какви се шансите на нашата репрезентација на деби мечот против Австрија, (недела, 13.06.2021, 18:00 часот):

Им лежи на нашите фудбалери Австрија, иако примивме 4 гола во Македонија на мечот во претходните квалификации.

Против Австрија, Дарко Панчев постигна 3 гола за 4:1 во Белград, на натпреварот во квалификациите за ЕП 1992, кога Југославија беше санкционирана и не играше на тој континентален шампионат. Беше најдобар стрелец со 10 гола во квалификациите, пред Папен со 9, но имаше 3 на мечот со Австријците.

Ако можеше Панчев да им даде три гола, двајца од сегашните искусни напаѓачи барем „по половина гол“ да постигнат, ете сме на патот кон евентуален успех.

Ранлива е Австрија, можеме да ја разбиеме. Елмас, Барди, Пандев и кој друг и да биде во шпицот, Трајковски или Тричковски, оптимист сум дека можеме да постигнеме еден, па и повеќе погодоци. Иако тоа се искусни играчи, малку се од австриското првенство, еден од Кина, а останатите се од Бундеслигата каде играат само најдобрите фудбалери на светот. Сите тие вредат многу, но вредиме и ние, особено како колектив.

За нас е најважно тактиката што сме ја замислиле пред мечот, да може многу брзо да ја адаптираме на почетокот на натпреварот. Плановите не се остваруваат секогаш, гледачите не треба да се нервираат првите 20-тина минути, затоа што тоа е период за адаптација.

Тремата кај дебитантите на сите натпреварувања си го прави своето, но јас посакувам да имаме само позитивна трема која ќе ни даде дополнителна сила, да ја избегнеме анксиозноста која би не направила нервозни. Мислам дека сме доволно искусни и мислам дека ќе преовладува позитивната атмосфера во нашиот тим.

Селекторот мора да ја преземе палката, како и досега. Ако види дека нешто не функционира, мора веднаш да не адаптира. Во тоа е големината на еден тренер и предводник на еден национален тим. Да се почувствува натпреварот и противникот, преку капитенот да направи прераспределба на улогите, ако е потребно, и во нападот и во одбраната.

Со Зоран Михајлов зборувавме и за другите натпревари во групата, против Украина и Холандија, а неговите анализи и прогнози ќе ви ги претставиме во другите натпреварувачки денови, кога ќе игра нашата репрезентациуја.