Фудбал

НАВИВАЧОТ ШТО САКАШЕ ДА ГО ШУТНЕ РАМСДЕЈЛ ЌЕ БИДЕ КАЗНЕТ ДОЖИВОТНО

Тотенхем ќе го казни навивачот кој се обиде да го шутне голманот на Арсенал по поразот од 0:2 во лондонското дерби. Полицијата, домашните и гостите работат заедно на идентификација на сторителот. Рамсдејл како и воопшто да не беше удрен, но поради потегот, навивачот ќе добие доживотна забрана за влез на стадионите во Англија.

Ќе биде казнет доживотно и треба! – беше коментарот на некогашниот напаѓач на Њукасл, Алан Ширер кој сега е во улога на ТВ експерт.

Асоцијацијата на англиските фудбалери се огласи веднаш и побара итни и најостри санкции за сторителот на овој прекршок, кој наиде на жестока осуда во фудбалските кругови во англиското општество, каде се разбудија духовите од несреќите што се случуваа, во не толку далечното минато, поради дивеењето на публиката.

Минатата недела на Островот се појави загрижувачка статистика, која посочува на пораст на насилството на фудбалските настани и покрај можеби најстрогите закони во светот во однос на однесувањето на стадионите, кои од катастрофата Хејсел во 1985-та година се на сила во Премиерлигата, Англија и Обединетото Кралство.

Меѓу јули и декември 2021-та година, спроведени се 999 апсења на стадионите, што е за 10% повеќе од претходната година. Минатата 2021/22 имало вкупно 2.198 апсења поврзани со фудбалот, што е највисока бројка по сезоната 2013/14. – изјавија од англиската полиција.

Како кај нас се справуваме со фудбалските хулигани?