ДОЈДЕ ВРЕМЕ СРБИТЕ ДА ГО БРАНАТ АНТИЌ ОД МАКЕДОНЦИТЕ
Објавено на: 13.01.2023
Ова е тема за долга и мачна анализа, но низ кратки црти приказната се движи вака:

На натпреварот на Црвена звезда против Монако, на кој се случи историското „помирување“ меѓу црвено-белите и тренерот на гостите Саша Обрадовиќ, на кој домаќинот се бореше за позитивен резултат кој и тоа колку му требаше за пласман во Топ 8 во Евролига сезонава, Делије Север најдоа време да покажат и добро се спремиле за поддршка на својот миленик.

Извадија транспаренти на трибините со кој го величаат Перо Антиќ, кој играше во црвено-белиот дрес, таму (иако претходно (не) играше 4 години во АЕК) практично ја почна и ја заврши меѓународната кариера, ја има Звезда на тетоважите на неговото тело и се појави во дуксер во боите на овој клуб, на меч на македонските ракометни легенди.

„Македонците“ го „изругаа“ човекот кој ни го донесе првиот голем репрезентативен успех со селекцијата на Македонија, во Литванија на ЕП 2011-та, кога игравме во полуфинале и водевме на полувремето против Шпанците кои едвај не победија со нивната најсилна слекција во историјата, а потоа за влакно ни избега бронзата против Русите.

Не те сакаат затоа што си наш, најдобро е чувството кога си звездаш. – стоеше на пораката на навивачите на Црвена звезда, кои го обожаваат Перо Антиќ, поради неговата неизмерна љубов кон екипата во која играше.
Перо Антиќ е наш и никогаш нема да биде ваш. Но, ние си имаме вековен проблем да си го плукаме нашето и затоа сме таму каде што сме, во секој поглед. Да беше дуксерот од Манчестер Јунајтед, немаше да има никаков проблем. Затоа и си имаме проблеми и со соседите, со кои со векови не успеавме да воспоставиме нормален контакт. Секогаш некој друг ни е виновен.

Антиќ по титулата со Олимпијакос против ЦСКА Москва во Истанбул се сликаше со македонското знаме и со грчкиот репрезентативец Спанулис во соблекувалната, како одговор на нападите дома дека претходно кажа ФИРОМ во најавниот форшпан на Евролига. Не беше негова вина што така бевме признати во Европа и во светот. Никој во Грција не го распна Василис Спанулис, или можеби имаше некои спорадични коментари од екстремистите.

Перо е првиот Македонец во НБА лигата, каде се претстави достојно и во една од двете сезони поминати преку Атлантикот, со Атланта играше финале на Истокот. Во моментов е претседател на кошаркарската федерација, а севкупно земено е меѓу најдобрите македонски кошаркари во историјата, заедно со Буштур, Наумоски, Стефанов, Илиевски и другите.

Перо Антиќ можеби има пргав и непостојан карактер, можеби некогаш одговарал со присуство и резултатски на репрезентативниот предизвик, а некогаш не, но никој не може да го избрише тоа што го направил за својата земја. Но, тој блузон, дуксер или што и да е, ни покажа кои сме всушност ние…