КАКО НА ФИЛМ: ПОВИК ЗА НАСТАП НА СВЕТСКО, А ТОЈ НА ПЛАЖА
Објавено на: 06.06.2026
Фудбалската приказна на Асан Уедраого деновиве наликува на сценарио од холивудски филм.
Додека уживал на одмор во Шпанија и немал никакви очекувања дека ќе биде дел од Светското првенство, 20-годишниот играч за врска на Лајпциг добил неочекуван повик од германската репрезентација.
Причината е несреќната повреда на Ленарт Карл, 18-годишниот бисер на Баерн Минхен, кој се повредил на тренингот на Германија во Чикаго само неколку дена пред почетокот на турнирот. Првичните информации велат дека станува збор за кинење бутниот мускул поради што Карл ќе мора да го пропушти Светското првенство.
Селекторот Јулијан Нагелсман веднаш реагирал и решил неговото место да му го додели на Уедраого, кој во тој момент бил на плажа во Шпанија.
Младиот фудбалер важи за еден од најголемите таленти во германскиот фудбал. Кариерата ја почна во Шалке, а од 2024 година е член на Лајпциг. Иако минатата сезона не беше стандарден првотимец и имаше проблеми со повреди, успеа да запише 20 настапи со четири гола и четири асистенции.
Интересно е што Уедраого досега има само еден настап за сениорската репрезентација на Германија. Дебитираше против Словачка во ноември минатата година и постигна гол само 13 минути по влегувањето во игра.
Сега, благодарение на неочекуван сплет на околности, од плажа директно ќе замине на најголемата фудбалска сцена во светот. Уедраого веќе денес треба да отпатува за Соединетите Американски Држави и да му се приклучи на германскиот национален тим пред стартот на Мундијалот.