ЈУНАЈТЕД ЌЕ ИГРА ЛИГА НА КОНФЕРЕНЦИИ НАМЕСТО ЛИГА ЕВРОПА?
Објавено на: 27.05.2024
Само два дена по добрата вест дека Јунајтед го освои ФА Купот и обезбеди место во Лигата на Европа, стигнаа лоши вести за најтрофејниот англиски клуб.
Англиските медиуми јавуваат дека во УЕФА се води разговор дали црвените ѓаволи смеат да настапат во Лига Европа, а доколку не смеат тогаш им се подготвува место во Лигата на конференции. Причината е сопствеништвото на Сер Џим Ратклиф и неговата групација на Ница.
Правилото на УЕФА гласи дека еден сопственик не смее да има удел во сопствеништво во два клуба кои се натпреваруваат во исто натпреварување по ранг на европската куќа на фудбалот. Ратклиф и неговата компанија ја купија Ница за 88,77 милиони фунти во 2019 година, а тимот од азурниот брег обезбеди петто место во Лига 1 и учество во Лига Европа следната сезона.
Од друга страна, Рактлиф поседува 27,7% од сопственоста на Јунајтед преку INEOS групацијата, но што е она што ја прави Ница фаворизирана во однос на црвените ѓаволи? Тоа што имаат подобра позиција на лигашката табела (тие завршија на 5 место, а Манчестер Јунајтед на 8), додека Јунајтед обезбеди пласман преку ФА Купот. Во тој случај, францускиот клуб добива предност, а Јунајтед ќе треба да се задоволи со учество во Лигата на конференции.
Сепак, една олеснителна околност за Ратклиф и Јунајтед е тоа што УЕФА ги „релаксираше“ обврските и забраните по прашањето на сопствеништво во повеќе клубови на еден човек / компанија, па дозволува од сезоната 2024/2025 клубови чии сопственици имаат помалку од 30% во еден клуб, да им биде овозможено да играат иако сопственикот има удел и во друг клуб кој би настапил во истото натпреварување. И покрај ова олеснување, на проблемите на Јунајтед им нема крај, бидејчќи INEOS пред некој месец најави дека ќе доинвестира 245 милиони фунти за инфраструктурни прашања во клубот, како би го зголемил својот удел од 27,7% на повеќе од 30%.
Останува да се види дали Ратклиф ќе почека со инвестицијата или сепак Манчестер Јунајтед ќе мора да игра во Лигата на конференции отстапувајќи и место на Ница.