Фудбал

ТРЕНТ ОТКРИ ШТО МУ СЕ СЛУЧУВАЛО ПО ТРАНСФЕРОТ ВО РЕАЛ

Трент Александер-Арнолд откри низ каков период поминувал по одлуката да го напушти Ливерпул и да се пресели во Реал Мадрид. Англискиот фудбалер призна дека покрај критиките и свирежите, добивал и навредливи пораки и закани преку социјалните мрежи.

Александер-Арнолд минатото лето стави крај на 20-годишната поврзаност со Ливерпул откако му истече договорот и кариерата ја продолжи во Реал Мадрид.

Одлуката предизвика огромно незадоволство кај дел од навивачите, а кога во ноември се врати на Енфилд со Реал Мадрид во Лигата на шампионите, беше пречекан со свирежи.

Сега, во интервју за Мирор, 27-годишниот фудбалер откри дека реакциите не останале само на стадионот.

Навредите на интернет и заканите испратени преку приватни пораки или на други начини се тажен дел од животот во 2026 година ако сте јавна личност и привлекувате големо внимание. Се обидувам да ги држам тие работи подалеку од себе бидејќи не ми изгледаат реалнo.

Тој потенцираше дека таквото однесување не го поврзува со клубот во кој ја помина речиси целата своја дотогашна кариера.

Знам дека тоа не го претставува фудбалскиот клуб што го сакам, Ливерпул, ниту го претставува мојот роден град.

Колку далеку отиде незадоволството покажува и инцидентот со муралот посветен на него во близина на Енфилд, на кој беше испишан зборот „стаорец“.

Александер-Арнолд призна дека случувањата го натерале да размислува и за тоа како ќе изгледа неговото враќање во Ливерпул.

Ако нешто ме погоди и ме вознемири, тоа се одразува и на моето семејство. Тие поминуваат низ сето тоа со мене.

Сепак, тој прави јасна разлика меѓу заканите и незадоволството кое навивачите го покажаа со свирежи. Вели дека може да разбере зошто дел од нив биле разочарани или лути по неговото заминување.

Свирежите и разочарувањето од навивачите на Ливерпул се нешто што можам да го поднесам. На свој начин можам да го разберам тоа.

Но, признава дека реакциите сепак го погодиле поради сето она што го дал за клубот.

Боли поради тоа колку многу вложив во клубот во текот на 20 години и жртвите што ги направив во тој период. Секако дека боли, но го разбирам разочарувањето.

Неговата прва сезона во Мадрид не помина според очекувањата. Александер-Арнолд стартуваше на само 14 натпревари во Ла Лига и не постигна ниту еден гол во сите натпреварувања.

Дополнителна конкуренција сега ќе има и од Дензел Думфрис, кого Реал го донесе од Интер, додека Жозе Мурињо ја започнува својата нова ера во мадридскиот клуб.

Поради неговата ситуација во Реал веќе се појавија шпекулации за потенцијално враќање во Ливерпул, но засега нема конкретни информации дека такво нешто е блиску до реализација.