ПОЧИНА СВЕН-ГОРАН ЕРИКСОН
Објавено на: 26.08.2024
Поранешниот англиски селектор, Свен-Горан Ериксон, почина денес на 76-годишна возраст откако ја загуби битката со ракот на пакреасот. Ериксон изминатава година боледуваше од тешката болест по потврдување на дијагнозата и му беа изброени деновите, а пред само една недела се прости од јавноста и фудбалот, како и сите оние кои го поддржуваа во текот на тренерската кариера.
Ериксон ќе остане запаметен како еден од најуспешните предводници на Лацио, освојувајќи 7 трофеи, меѓу кои едно Скудето, по два трофеи во Купот на Италија и Суперкупот на Италија, европски Суперкуп и Куп на победници на Куповите. Во 2000 година беше избран за најдобар менаџер во Серија А.
Тој беше и првиот шведски стратег кој водел тим во Премиер лигата, кога седна на клупата на Манчестер сити во 2007 година, набрзо по прекинот на соработката со репрезентацијата на Англија.
На клупски план, Ериксон тренерската кариера ја почна во Дегерфорс, па Гетеборг, Бенфика во два наврати, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер сити, Лестер, а неколку години се задржа во Кина каде работеше во Гвангжу и Шангај.
Покрај Англија, Ериксон беше селектор и на Мексико, Брегот на Слоновата Коска, Филипини.