РАМОС КОНЕЧНО НАЈДЕ НОВ КЛУБ?
Објавено на: 01.11.2024
Серхио Рамос од крајот на минатата сезона нема заиграно фудбал, кога ја напушти Севиља, но и тоа како е физички подготвен да продолжи да игра на високо ниво, иако е во ветеранските 38 години.
Стигаа понуди од МЛС, Саудиска Арабија, меѓутоа Рамос ништо не го привлече, па одлучи трпеливо да го чека вистинскиот момент. Се појавија и шпекулации дека би можел да потпише за Јувентус, откако Старата дама остана без главниот адут во одбраната Бремер, кој се повреди и нема да игра до крајот на сезоната. Рамос требаше да ја пополни таа дупка, но ниту клубот, а ниту играчот направија конкретни потези за соработка.
Сега се чини дека на чекањето му дојде крајот, откако се јави Бока јуниорс со понуда од 5 милиони евра плата за една година. Серхио воедно би си ја исполнил желбата да заигра за аргентинскиот гигант, за што говореше и во минатото.
Соработката би почнала на почетокот од 2025 година, но се чека Рамос да одговори на повикот.