Фудбал

СТАРО-НОВИОТ КЛУБ НА ЧУРЛИНОВ Е ПРЕД КОЛАПС?!

Дарко Чурлинов се врати во Шалке 04 во овој преоден рок како позајмен играч од Барнли до крајот на сезоната. Македонскиот репрезентативец одговори на повикот да му помогне на клубот да се врати на старите патеки, но се чини дека еден од најпознатите германски клубови го чека страшна иднина.

Моментално тимот од Гелзенкирхен е на 15-тото место во Цвајта, втората германска лига, а доколку не успее да опстане во Бундеслига 2, односно падне во третата лига, може да ја загуби лиценцата поради долг од околу 165 милиони евра. Овие информации ги потврди германскиот „Скај“, па се надоврза дека губењето на лиценцата ќе значи и распад на клубот, што за Шалке ќе значи одново издигнување преку аматерските лиги.

Навистина би било жално седумкратниот германски шампион да го снајде ваква судбина, но има време да се поправат работите. Шалке моментално има 20 бода, исто колку и Брауншвајг, но со подобра гол-разлика стои над зоната за испаѓање од Цвајта.