ПИКСИ: ДА ОДИГРАМЕ ХУМАНИТАРЕН НАТПРЕВАР СО МАКЕДОНИЈА ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ
Објавено на: 17.03.2025
Селекторот на српската фудбалска репрезентација, Драган Стојковиќ Пикси, ја искористи денешната прес-конференција да изрази сочувство до семејствата на настраданите во трагедијата која се случи во Кочани, ноќта меѓу сабота и недела. Пикси исто така најави дека ќе побара од српската федерација да се договори со македонската куќа на фудбалот за одржување на натпревар меѓу двете репрезентации кој ќе биде од хуманитарен карактер, а средствата да бидат наменети за помош на семејствата од настраданите.
„Огромна, незапамтена трагедија се случи во Кочани, Македонија. Сакам да изразам сочувство до целиот македонски народ и семејствата на настраданите. Ќе предложам до ФФС да стапи во контакт со фудбалската федерација на Македонија и да одиграме натпревар од хуманитарен карактер. По трагедиите кои ги доживеавме, се случи уште една…“, ја започна Пикси прес-конференцијата.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, загинаа досега евидентирани 59 лица меѓу кои има и малолетни, а повеќе од 150 се повредени и со изгореници, додека лекарите во Македонија и во уште неколку соседни земји се борат за нивните животи.