Фудбал

УШТЕ ЕДЕН РЕКОРД – ДАЛИ ПЕП Е НАЈДОБРИОТ ТРЕНЕР ВО ИСТОРИЈАТА НА ПРЕМИЕР ЛИГАТА?

Минималниот триумф од 1-0 на вчерашното гостување кај Брентфорд беше значаен за Манчестер сити во приклучок во шампионската трка, но и за Пеп Гвардиола. Шпанскиот стратег стигна до 250-тата победа во Премиер лигата како тренер на Граѓаните, поставувајќи рекорд како тренер на кој му требале најмалку натпревари за да стигне до јубилејниот триумф.

Во само 349 меча,  Граѓаните предводени од Пеп славеа во 250 од нив, ремизираа во 50 средби и загубија на 49 од нив. Процентуално, Пеп во дури 71,6% од натпреварите се радувал на победа, а му требаа 55 меча помалку за да го постави рекордот од јубилејни 250 победи.

Колку за споредба, Сер Алекс Фергусон оствари 250 победи во 404 меча со Манчестер јунајтед, односно Арсен Венгер како предводник на Арсенал оствари 250 победи по 423 натпревари. Четврти и последен тренер со 250 или повеќе победи во Премиер лигата е Дејвид Мојс – дури 645 меча.

Бројни рекорди од англиското првенство сега му припаѓаат на Пеп, како и трофеи освоени на Островот и интернационално ниво, за уште подлабоко да биде испишано неговото име во историјата на англискиот фудбал. Па сега се поставува прашањето, дали е најдобриот кој некогаш менаџирал во најпопуларната фудбалска лига во светот?