Фудбал

ГЕЈМЕР СО НАД 13.000 ЧАСА НА ФУДБАЛ МЕНАЏЕР ДОБИ ШАНСА ДА ВОДИ КЛУБ

Ори Торисон достигна нешто што сонуваат милиони љубители на фудбалската стратегиска симулација „Фудбал Менаџер“, добивајќи тренерски ангажман во вистински клуб. Исланѓанецот е посветен гејмер на мега-популарната видео-игра со повеќе од 13.700 одиграни часа и импресивни остварувања, околу 8% од својот живот го поминал играјќи токму „Фудбал Менаџер“, па по добивањето на ангажманот може да каже дека не го потрошил залудно времето.

Станува збор за исландски клуб кој моментално се наоѓа во четвртата фудбалска дивизија по ланската елиминација, Вестурбаер од Рејкјавик. Управата на овој клуб одлучи да му даде шанса на 27-годишниот Ори кој во своето портфолио ги имал наведено сите успеси кои ги остварил на „Фудбал Менаџер“ – како на пример неговата авантура со Лестер и шест освоени титули во Премиер лигата во низа, и само 84 порази во 833 натпревари.

„Фудбал Менаџер има многу позитивно влијание врз мојот живот, делуваше терапевтски за мене во тешките периоди од мојот живот. За мене нема ништо подобро од тоа да го одведеш твојот омилен клуб до самиот врв во фудбалот. Исто така ми помогна да развијам стратешки и менаџерски вештини кои ги користам и во секојдневниот живот“, истакна Торисон.

Ори и пред овој ангажман почувствувал како е да се биде тренер на еден клуб. Играчката кариера му завршила уште пред да добие шанса на професионално ниво, поради повреда на колкот, но тој сакал повторно да работи околу фудбалот. Така, добил шанса да води тим од петтата лига во Исланд, кој е во сопствеништво на негови пријатели.

На големо изненадување, екипата на Торисон забележала 13 победи во 16 меча и промоција во четвртата дивизија, по што следувал повикот од Вестурбаер.

„Имавме неколку состаноци пред да ми понудат договор на една година. Прифатив без размислување знаејќи дека може да биде добар чекор напред во мојата кариера, а дополнително ќе можам финансиски да помогнам на моето семејство. Од она што можам да ветам е дека ќе бидам максимално посветен на работата и ќе се трудам да постигнеме успех. И секако дека ќе ги користам тактиката и формацијата кои ми донесоа огромен успех на Фудбал Менаџер“, додаде Торисон.

Ори Торисон моментално е херој за многумина фанатици на популарна видео-игра, тој е доказ дека посветеноста и љубовта кон виртуелниот фудбал може да те одведе далеку, доколку си упорен.