Ракомет

ОМИЛЕНИОТ ГОЛ МУ Е ПРОТИВ ИСЛАНД, НАТПРЕВАР ШТО БИ ГО ОДИГРАЛ ПОИНАКУ Е ДАНСКА

Македонија е своевидна сензација во ракометниот свет, феномен кој ретко кој може да го објасни. Од 2009-та, со мали исклучоци, редовни сме на големата сцена. Често ни се кршат срцата од болни порази, но исто толку често летаме цепелини против велесилите како Шпанија, Данска и другите, а знаеме и да победиме дел од нив.

Двигател на современата ракометна историја на Македонија е Кирил Лазаров, кој денеска стави крај на играчката кариера. Кире е синоним за македонскиот ракомет, кој во еден момент ги имаше рекордите за најмногу голови постигнати во Лигата на шампионите (се уште рекордер), на едно СП (се уште рекордер) и на едно ЕП. Тој е единствениот што постигнал над 1.300 гола во катиерата.

Пред Кире молчат и Боговите, капа му симнуваат и најсилните и најуспешните. Има два момента кои тој низ интервјуата ги издвојува како маркантни, од неговата пребогата кариера. Еден од омилените и можеби најзначаен гол му е погодокот на Исланд во квалификациите за СП 2009, во реваншот за 30:24, пораз кој значеше пласман на мундијалот во Хрватска од каде тргнавме кон височините и не погледнавме назад.

На почетокот на квалификациите се собравме како малска екипа, но ја елиминиравме Португалија. Кога ни падна Исланд во баражот, наш стар должник, не се исплашивме. Овие момчиња покажаа дека знаат да играат ракомет. Оваа генерација ќе трае 5-7 години.

Сега ни требаат добри подготовки за СП, да се обидеме да ја израдуваме оваа мала Македонија на спортски план. – изјави тогаш Лазаров и направи една од ретките грешки во кариерата. Таа генерација стана исконска и траеше многу, многу подолго.

Вториот е мечот со Данска од втората рунда по групи на ЕП 2012 во Белград, на кој постигна 13 гола и беше најдобар стрелец, но Данците со гол во последната секунда не победија и подоцна го освоија златото. Да не беше Кире немаше ни да се бориме за победа на тој натпревар, но ќе остане горчината на усните и пропуштената шанса да се бориме за медал. Ќе има шанса, како селектор.

Можете ли да се сетите на друг момент кој бил значаен во годините додека Кирил Лазаров го носеше дресот на македонската ракометна репрезентација?