ОД СРЕБРЕНИЦА БАРААТ ЦРВЕНА ЗВЕЗДА ДА БИДЕ ИСФРЛЕНА ОД УЕФА
Објавено на: 28.08.2026
Меморијалниот центар Сребреница побара од УЕФА трајна дисквалификација на Црвена Звезда од европските натпреварувања поради возвишувањето на Ратко Младиќ, правосилно осуден за геноцид и други воени злосторства, за време и по натпреварот против Викторија Плзењ во Лига Европа.
Како што пренесува агенцијата Бета, до УЕФА била испратена официјална пријава во која, покрај однесувањето на навивачите, посебно се посочуваат и објавите на официјалните профили на белградскиот клуб на социјалните мрежи.
За време на натпреварот во Чешка, дел од навивачите на Црвена Звезда истакнале транспаренти со пораката „Генерале, слава ти и благодариме“ и го скандирале името на Младиќ.
Од Меморијалниот центар сметаат дека случајот не може да се третира единствено како однесување на навивачите, бидејќи по натпреварот Црвена Звезда на своите официјални профили објавила фотографии на кои спорните транспаренти биле јасно и доминантно видливи.
Токму тоа е еден од главните аргументи во пријавата. Од Меморијалниот центар наведуваат дека клуб кој ги користи своите официјални комуникациски канали за ширење пораки со кои се величи лице правосилно осудено за геноцид не може одговорноста да ја сведе само на однесувањето на трибините.
Наместо да се дистанцира од таквите пораки, клубот ги направи дел од својата официјална комуникација по натпреварот.
Во пријавата дополнително се наведува дека ваквото постапување, според Меморијалниот центар, дава основа за примена на повеќе одредби од Дисциплинскиот правилник на УЕФА.
Тие се однесуваат на дискриминаторско однесување, навредување на човечкото достоинство, политички и идеолошки пораки несоодветни за спортски настани, како и однесување со кое фудбалот и УЕФА се доведуваат на лош глас.
Од Меморијалниот центар потсетуваат и дека веќе постои дисциплински преседан поврзан токму со Црвена Звезда и возвишувањето на Ратко Младиќ.
Според наводите во пријавата, УЕФА во претходна постапка заклучила дека возвишувањето на Младиќ не претставува само поддршка на одредена личност, туку порака која ги навредува жртвите врз етничка и верска основа.
Дополнително, побарано е однесувањето на навивачите и постапувањето на клубот да бидат разгледани како една целина, а објавувањето на спорните фотографии преку официјалните канали на Црвена Звезда да биде третирано како посебно отежнувачка околност.
Конечно, барањето на Меморијалниот центар е УЕФА да изрече најстрога можна санкција, односно трајна дисквалификација на Црвена Звезда од натпреварувањата под нејзина организација.