ОД ЧЕЛСИ РЕВОЛТИРАНИ ОД ОДНОСОТ НА АРСЕНАЛ
Објавено на: 05.02.2026
Тренерот на Челси, Лиам Розениор, јавно призна дека ги загубил нервите пред почетокот на реваншот од полуфиналето во Карабао купот против Арсенал, поради, како што рече, недостаток на почит кон неговиот тим за време на загревањето.
Камерите на Скај Спортс го уловија Розениор во жестока расправија со играчите на Арсенал на теренот на Емирати, непосредно пред почетокот на натпреварот. Причината била тоа што дел од фудбалерите на домаќините навлегле во половината предвидена за загревање на Челси. На тоа алудираше Розениор:
Кога се загревате, секој тим има своја половина од теренот. Во тој момент сметав дека тоа не беше испочитувано и дека им влијаеше на подготовката на моите играчи.
Тренерот призна дека неговата реакција не била мирна, но истакна дека не станувало збор за психолошки игри, туку за принцип.
Можеби не побарав на најучтив начин, но го направив тоа затоа што верувам дека во фудбалот постои одредена етика. Немам никаков проблем со Арсенал, но во тој момент почувствував дека немаше доволно почит кон мојот тим.
Инаку, Челси беше елиминиран од Карабао купот по поразот од 1-0, со гол на поранешниот нивни играч Кај Хаверц во седмата минута од судиското продолжение, што му донесе на Арсенал пласман на Вембли со вкупни 4-2.
Иако овој пораз беше болен, тоа е засега единствениот кикс на Розениор во неговиот прв месец на клупата. Челси под негово водство има максимален учинок во Премиер лигата и обезбеден пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.