НОВ СКАНДАЛ СО НЕЈМАР: ГИ НАВРЕДУВАЛ СОИГРАЧИТЕ И ИМ ПОРАЧАЛ ДЕКА ЌЕ ИГРААТ ВО ВТОРА ЛИГА
Објавено на: 27.07.2026
Нејмар повторно се најде во центарот на контроверзиите, овојпат поради наводен инцидент во соблекувалната на Сантос по натпреварот против Шапекоенсе.
Иако бразилската ѕвезда постигна два гола, вклучувајќи и пенал во 89. минута со кој му донесе бод на својот тим, медиумите во Бразил пишуваат дека по натпреварот атмосферата во соблекувалната била далеку од мирна.
Според Глобо, Нејмар жестоко ги критикувал младите соиграчи Габриел Буонтемпо и Жоао Ананиас, а на Буонтемпо наводно му упатил навредливи зборови и саркастично му рекол дека следната сезона ќе игра во втората бразилска лига.
Истиот извор наведува дека критиките биле многу поостри од вообичаените во една фудбалска соблекувална и дополнително ги зголемиле тензиите во тимот. Дел од играчите, особено странците, наводно се чувствуваат непријатно кога Нејмар јавно ги критикува и гестикулира кон нив за време на натпреварите.
Од таборот на Нејмар не сакале да ги коментираат наводите. Буонтемпо преку својот ПР тим изјавил дека на полувремето имало само општо предупредување без навреди, додека Ананиас негирал дека имал директен конфликт со Нејмар, но потврдил дека во соблекувалната имало критики.
Според Глобо, ова не е првпат Нејмар да има проблеми со помладите соиграчи. Минатата година, по остри критики од него, тогашниот млад напаѓач Давид Вашингтон наводно се расплакал, а претходно Нејмар јавно му се извини на Робињо Жуниор по инцидент на тренинг.
Раководството на Сантос најави дека ќе одржи состанок за да ги утврди сите околности околу случајот.