АВСТРАЛИЈА: НОЛЕ, МОЖЕ ДА ДОЈДЕШ, НО КАКО ЌЕ ВЛЕЗЕШ?
Објавено на: 05.01.2022
Најдобриот тенисер на светот се уште не е сигурен дали ќе настапува на првиот Грен слем во тениската сезона. Србинот најави дека патува за Петтиот континент, но тамошните власти испраќаат измиксани сигнали.
Организаторот на турнирот изјави дека Новак Ѓоковиќ добил посебна медицинска дозвола за настап, иако не е вакциниран. Но, ден подоцна се јавија властите на Австралија, со малку поинаков тон на зборовите.
Владата на Викторија и организаторот може да дозволат учество на невакцинирани тенисери, но Владата на Австралија решава кој ќе влезе, а кој нема, во нашата земја.
Само валидна медицинска потврда која потврдува дека лицето не смее да биде вакцинирано од исклучителни причини, може да гарантира влез во Австралија. – се зборовите на министерката за внатрешни работи, Карен Ендрјуз.
Се огласи и првиот меѓу еднаквите министри, на Австралија:
Чекаме докази. Ако тие не се во согласност со законот, Новак Ѓоковиќ ќе биде вратен дома од нашиот аеродром. – изјави премиерот на Австралија, Скот Морисон.
И, сега, на потег е Ноле – има ли докази, сигурен ли е дека ќе влезе во Австралија, сака ли да игра на Аустралиан Опен?

