Фудбал

МАКЕДОНСКА ГОЛ-МАШИНА ПОВТОРНО ВО СЕРИЈА А?

Трансферот на Џошуа Зиркзе во Манчестер јунајтед е речиси комплетиран, а Болоња веќе размислува кој ќе биде наследникот на холандскиот репрезентативец.

Според Џанлука Ди Марцио, реномираниот италијански новинар, изборот се падна на Бојан Миовски! Калчолигашот во Бојан гледа идеална замена за Зиркзе и моментално се анализира ситуацијата како најдобро да се пристапи до Абердин за преговори околу потенцијален трансфер.

Миовски беше вистински хит во шкотското првенство во изминативе две сезони со двоцифрен учинок – лани постигна вкупно 26 погодоци во сите натпреварувања, сезоната претходно застана на 18 гола. Дека е расен голгетер со убиствен инстинкт, Миовски многупати докажа, што беше доволно за Болоња да го сврти вниманието кон нашиот репрезентативец.

Горан Пандев и Илија Несторовски беа последните македонски напаѓачи кои играа во Калчото, по извесно време можно е да имаме нов претставник кој ќе ги решета мрежите на Чизмата.

Инаку, интересот за Миовски е голем, пред сѐ е баран од премиерлигашки клубови, како и шкотскиот гигант Селтик, но Болоња му нуди шанса да заигра во Лигата на шампионите по обезбедениот пласман минатата сезона. Моменталната цена на Миовски е 4 милиони евра, но голема е веројатноста дека Абердин ќе бара најмалку 10 милиони евра, а можеби и повеќе за да го пушти Бојан.