Фудбал

АНГЛИЧАНИТЕ МЕТА НА КРАДЦИ

Англиската репрезентација се соочи со неочекуван проблем само неколку дена пред својот прв натпревар на Светското првенство. Дел од тренинг-опремата на „Гордиот Албион“ била украдена за време на транспортот кон нивната база во Канзас Сити.

Според локалната полиција, исчезнатата опрема вклучува копачки на играчите, официјални топки за Светското првенство и друга тренинг-опрема која била испратена однапред пред пристигнувањето на репрезентацијата.

Инцидентот се случил во петокот додека персоналот на англиската селекција се движел од подготвителниот камп во Флорида кон базата во Мисури. Играчите патувале одделно, додека возилата што ја превезувале опремата биле провалени.

Полицијата потврди дека истрагата е во тек и дека две лица веќе се приведени поради можна поврзаност со кражбата.

Истражуваме можна кражба на опрема од возило на тимот кое пристигнало во Канзас Сити со предмети што недостасуваат. Истрагата продолжува, а две лица се приведени додека се утврдуваат сите околности.

Ова е последното нешто што му требаше на селекторот Томас Тухел пред стартот на турнирот. Англија веќе пристигна во САД каде одигра неколку подготвителни натпревари против Нов Зеланд и Костарика, а деновиве имаше и затворен тест-меч против локален тим од Флорида.

Првиот натпревар на Англија на Светското првенство е против Хрватска во Далас, а пред тоа репрезентацијата треба да одржи неколку тренинзи во својата база во Канзас Сити.

Интересно е што Канзас Сити е една од најпопуларните бази на Мундијалот. Покрај Англија, таму се сместени и актуелниот светски шампион Аргентина, како и селекциите на Холандија и Алжир.

На социјалните мрежи веќе кружат вирални фотографии, од Хери Кејн без шорцеви, алудирајќи дека крадците му ги украле и шорцевите за тренинг.

Иако засега нема информации колкава е вредноста на украдената опрема, јасно е дека станува збор за непријатен инцидент во момент кога Англија сака целосно да се фокусира на нападот на својата прва светска титула по 1966 година.