Фудбал

КУРТОА ОСТАНУВА ВО РЕАЛ МАДРИД УШТЕ НАЈМАЛКУ ДВЕ ГОДИНИ

Реал Мадрид е блиску до договор со Тибо Куртоа за продолжување на соработката до 30 јуни 2028 година, со што Kралскиот клуб би го решил голманското прашање на долг рок.

Преговорите започнаа уште во јули, а според информациите од Шпанија, двете страни веќе се наоѓаат во завршна фаза. Реал овојпат реши да не ја следи досегашната практика и да не чека до крајот на сезоната за да го решава статусот на искусниот Белгиец.

Проценката на клубот е дека во моментов на пазарот нема подобра опција од Куртоа, кој со своите настапи продолжува да ја оправдува довербата од раководството.

Само на неодамнешниот натпревар против Интер во ЛШ, белгискиот голман запиша седум одбрани, уште една потврда дека и покрај годините и повредите од минатото, сè уште е меѓу светската голманска елита.

Во Мадрид се убедени дека Куртоа го заслужил новиот договор и дека нема потреба формализацијата да се одложува до крајот на сезоната.

Од друга страна, и самиот голман е исклучително задоволен од животот во Мадрид и сака кариерата да ја продолжи на „Сантијаго Бернабеу“. Наводно, Куртоа е подготвен да одбие и финансиски попривлечни понуди од други лиги за да остане дел од Реал Мадрид.