Фудбал

КОЈ СИ ЗНАЕ, СИ ЗНАЕ: ДАЛИЌ СО БЛЕСКАВ СТАРТ КАКО СЕЛЕКТОР НА ОАЕ

По речиси една деценија брилијантно водење на хрватската репрезентација, Златко Далиќ одлучи да замине во Азија, каде што ја презеде селекцијата на Обединетите Арапски Емирати. Синоќа тој дебитираше за новата репрезентација и тоа го направи совршено.

Далиќ во првиот меч како предводник на ОАЕ убедливо со 4:0 славеше над Јемен во првиот меч од Гулф Купот. Интересно е дека во главна улога на мечот беа Јужноамериканци, кои сочинуваат значителен дел од составот на ОАЕ. Станува збор за играчи кои пристигнале во локалната лига, по што државата им доделила државјанство и можност да настапуваат за ОАЕ – што секако претставува крајно невообичаена практика во меѓународниот фудбал.

Соодветно на тоа, нападот на ОАЕ денес го сочинуваа Бруно, Луан Переира, Николас Хименез и Јури Цезар – сите играчи родени далеку од оваа земја.

ОАЕ поведоа со голот на Николас Хименез во 26-тата минута, по асистенција на Бруно, а предноста ја удвоија во 36-тата минута преку автогол на гостите од Јемен. Луан Переира го постигна третиот гол за ОАЕ пред полувремето, со што практично го реши исходот на натпреварот. Подоцна, Николас Хименез го постигна својот втор гол, поставувајќи го конечниот резултат од 4:0.

Интересно е дека ОАЕ цели седум години немаше ниту една победа на Гулф купот, а сега селекцијата е како препородена. Во истата група се наоѓаат и Бахреин и Катар. Тимот на ОАЕ предводен од Далиќ својот следен натпревар ќе го одигра против Бахреин.