КЕЈН: КОГА, АКО НЕ СЕГА ДО СВЕТСКА ТИТУЛА?
Објавено на: 12.06.2026
Капитенот на Англија, Хари Кејн, верува дека претстојното Светско првенство е неговата најголема шанса конечно да го освои најпосакуваниот трофеј во фудбалот.
Напаѓачот на Баерн Минхен пристигнува на Мундијалот по фантастична сезона во која постигна 61 гол и запиша седум асистенции, освојувајќи ги титулите во Бундеслигата и германскиот Куп. Благодарение на тие настапи, Кејн се споменува и меѓу кандидатите за „Златната топка“, но самиот признава дека неговиот главен фокус е Англија конечно да ја прекине шестдецениската суша без голем трофеј.
Во разговор за ИТВ, англискиот капитен истакна дека е свесен оти ова можеби е последното Светско првенство во неговата кариера.
Ова може да биде моето последно Светско првенство, бидејќи никогаш не знаете што може да се случи во фудбалот. Секако, сакам да играм уште многу години. Се чувствувам во најдобрите години од кариерата, физички сум подготвен како никогаш досега и сè уште ја имам истата желба за успеси, но реално ова може да биде мојата последна шанса.
Тој смета дека никогаш досега не бил во подобра позиција да се бори за светската титула.
За мене Светското првенство е врвот на секоја кариера. Ова е мој трет Мундијал и ако ја погледнам формата во која се наоѓам и сезоната што ја имав, веројатно ова е најдобрата можност во мојата кариера да го освојам Светското првенство.
Кејн се осврна и на честите критики дека Англија премногу зависи од неговите голови.
Секој врвен тим има играч од кого се очекуваат голови. Тоа е случај со Ерлинг Халанд во Норвешка, Килијан Мбапе во Франција, па така е и со мене во Англија. Кога си главен напаѓач, нормално е да има очекувања. Но тоа не е нешто лошо.
Тој нагласи дека Англија има доволно квалитет и победнички менталитет во составот за конечно да направи исчекор.
Луѓето можат да кажуваат дека тимот зависи од мене, но тоа е одговорност што ја носам цела кариера. Англија нема освоено голем трофеј веќе 60 години. Бевме многу блиску неколкупати. Сега е време конечно да ја преминеме таа линија.