Фудбал

ПРЕТРЕДАТЕЛОТ НА ЛА ЛИГА ГО ОБВИНИ СИТИ И ПРЕДИЗВИКА СКАНДАЛ

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, со скандалозна изјава го обвини Манчестер сити дека врши финансиски малверзации и веќе го пријавил англискиот гигант на Европската Унија. Тебас од ЕУ побарал да се спроведе истрага околу финансиското работење на „Сити фудбал груп“ холдингот, под чие власништво се повеќе клубови покрај Граѓаните од Манчестер.

Тебас беше спикер на фудбалскиот самит организиран од „Фајненшал тајмс“, каде ги откри следните детали.

„Цело време размислуваат како да ги надитрат правилата и регулативите. Ние веќе ги пријавивме во ЕУ со факти и со бројки. Обединетото Кралство можеби не е дел од Европската Унија, но Сити има комерцијални активности во Европа, а според законот на ЕУ донесен во јули 2023 година, знаеме дека ќе се „чешлаат“ сите компании кои се потпомогнати од странски држави. Поради тоа, побаравме токму овој клуб да биде проверен. Многу ни е важно сите клубови да бидат еднакво транспарентни и правилно да бидат раководени како во спортската сфера, така и во финансиската. Верувам дека истрага веќе се спроведува бидејќи не добивме одговор на барањето за да истражат дали во Сити финансиите им се регуларни.  Според она што ние забележавме, Сити работи по принцип да распределува финансиски загуби на компании кои се нивни, но не се под сопствеништво на „Сити фудбал груп“. Ваков беше случајот со една американска компанија „Енрон“, една од најголемите корпорации која колабира поради финансиски малверзации“, истакна Тебас.

Овој потег на Тебас може да создаде нови проблеми на Граѓаните, кои веќе се борат со 115 обвиненија за кршење на правилникот за финансиски фер-плеј. Останува да се види што ќе донесе истрагата, доколку постои таква, односно дали Сити ќе мора повторно да се брани по правен пат околу начинот на кој раководи со финансиите.