Фудбал

ИНТЕР ОД ВТОРНИК ИМА НОВИ ГАЗДИ?

Новиот трофеј во витрините на миланскиот гигант ќе биде проследен и најверојатно со нов газда, откако досегашните сопственици од Кина нема да можат да го исплатат долгот кон Оуктри, инвестициски фонд од кој клубот има добиено кредит пред 3 години.

За што станува збор? По Ковид кризата, кинеската влада забрани инвестиции во неесенцијални индустрии, како спортот на пример. Па така, беше запрена можноста Сунинг, како сопственик на Интер да го финансира клубот. Сепак, љубовта на претседателот на Интер и син на сопственикот на Сунинг беше огромна, па кинезите позајмија 275 милиони евра од инвестицискиот фонд Оуктри.

Договорот со овој фонд беше парите да бидат исплатени на клубот, но како гаранција дека износот ќе се врати да биде сопствеништвото на Сунинг врз клубот. По 3 години, откако завршува договорот, Интер односно неговите сопственици немаат 395 милиони евра да го отплатат долгот (толку изнесува со се камата) и доколку тоа не се случи до вторник наутро, Оуктри планира да ја активира хипотеката и да станат сопственици на Интер. Стивен Жанг беше во преговори со калифорнискиот фонд ПИМКО за рефинансирање на долгот кон Оуктри и превземање на истиот по поголема каматна стапка, но според италијанските медиуми вчера тие преговори биле прекинати и кинескиот претседател е во незавидна ситуација.

Италијанските медиуми јавуваат дека иако Стивен Жанг денес преку официјалната страна на Интер упати критики кон Оуктри обвинувајќи ги за недоволна флексибилност, инвестицискиот фонд веќе имал договор со друга компанија за продавање на клубот, а како најсериозни се споменуваат Финецот Томас Жилиакус кој е голем фан на Интер и најавува ангажирање на Халанд во Милано или инвестициски фонт од Саудиска Арабија. Наводно, Оуктри биле разочарани од потезите на сопственикот на Интер бидејќи во претходните години имал многу погодни понуди за делумно превземање на клубот, но тој сите ги одбил.

Дали Интер ќе има нови сопственици ќе видиме за 48 часа, доколку Стивен Жанг не извади џокер од ракавот и обезбеди речиси 400 милиони евра за да го отплати долгот.