Фудбал

ФИФА ИМ ГИ ЗАБРАНИ ДРЕСОВИТЕ НА ХАИТИ

Репрезентацијата на Хаити се најде во неочекуван проблем само неколку дена пред почетокот на Светското првенство, откако ФИФА одлучи да не го одобри дизајнот на новите дресови што требаше да ги носи националниот тим на турнирот.

Одлуката дојде по ревизија на опремата, при што светската фудбалска организација оценила дека одредени визуелни елементи на дресот би можеле да бидат протолкувани како политичка порака, што е спротивно на правилата за опрема на меѓународните натпреварувања.

Компанијата „СAETA“, која е технички спонзор на репрезентацијата на Хаити, соопшти дека дизајнот бил развиван со месеци и претходно поминал низ стандардните процедури за одобрување. Според нив, конечната верзија била замислена како почит кон луѓето кои секојдневно придонесуваат за иднината на Хаити, а не како политичка порака.

Сепак, ФИФА побарала измена на дизајнот во последен момент, што предизвика изненадување и незадоволство кај луѓето вклучени во проектот. Засега не е објаснето кои конкретни елементи биле оценети како спорни. Еве и за што станува збор:

Ова не е првпат опремата на Хаити да предизвика внимание во спортската јавност. Во февруари, олимписката репрезентација на земјата исто така мораше да направи измени на своите дресови по интервенција на Меѓународниот олимписки комитет. Тогаш проблематичен беше приказ на историска личност поврзана со револуционерното минато на Хаити.

Дополнително, за време на квалификациите за Светското првенство се водеа дебати околу симболите и геометриските форми на дресовите, за кои дел од јавноста тврдеше дека имаат религиозно и културно значење поврзано со традициите на земјата.

И покрај контроверзиите, Хаити продолжува со подготовките за настапот на Мундијалот. Репрезентацијата турнирот ќе го отвори на 13 јуни против Шкотска, по што ќе следуваат дуелите со Бразил и Мароко во групната фаза.

Така, наместо фудбалските подготовки да бидат во центарот на вниманието, Хаити во пресрет на Светското првенство повторно се најде во фокусот поради својата спортска опрема и строгите правила на ФИФА.