ДЕНВЕР СЕ РАСПАДНА ПРЕД ПЛЕЈОФОТ: ОТКАЗИТЕ НА ТРЕНЕРОТ МЕЛОУН И МЕНАЏЕРОТ БУТ ГИ ЗАПАЛИЈА ШПЕКУЛАЦИИТЕ ОКОЛУ ЈОКИЌ
Објавено на: 09.04.2025
Сосема неочекувано вчеравечер (според наше време), Денвер Нагетс му врачи отказ на тренерот Мајк Мелоун, стратегот кој помина една деценија на клупата на франшизата од Колорадо и освои една титула во НБА. Набрзо потоа, разрешен беше и генералниот менаџер Калвин Бут, а овој распад се случи во најлош можен момент ако се знае дека наскоро почнува плејоф-фазата.
Според повеќе американски медиуми, Јокиќ бил информиран дека Мелоун и Бут ќе бидат отпуштени, па до крајот на сезоната Дејвид Аделмен, довчерашниот помошник на Мелоун, ќе ја предводи екипата на Нагетс.
Овие промени во стручниот штаб и раководството експресно ги запалија шпекулациите околу иднината на Никола Јокиќ. Несомнено најдобриот кошаркар во светов моментално неколкупати сезонава покажа незадоволство и се сомневаше во залагањето на неговите соиграчи, особено на одбранбен план.
Веќе се предвидува следната дестинација на популарниот Џокер, и лесно може да се претпостави дека станува збор на Лос Анџелес Лејкерс, втората најтрофејна франшиза. Откако Езерџиите претходно годинава го шокираа светот со трејдот на Лука Дончиќ, наводно планот е да се создаде балканско дуо со Србинот и Словенецот за нови шампионски подвизи на екипата од Калифорнија.