ЕВРО 24

ШПАНСКИОТ СЕЛЕКТОР ЈА ПОКОРИ ЕВРОПА… ПОВЕЌЕПАТИ!

Шпанија по рекорден четврти пат е европски шампион во фудбал, иако пред почетокот на Европското првенство речиси никој не ја сметаше Црвената фурија меѓу главните фаворити за освојување на титулата, па дури ниту шпанските медиуми.

Сепак, момците на Луис Де Ла Фуенте ја натераа целата фудбалска јавност да ги повлече зборовите откако Шпанија вчера ја надигра Англија со конечни 2-1 во финалниот дуел кој се играше во Берлин.

За Де Ла Фуенте ова е втор сениорски трофеј во неговата селекторска кариера, откако претходно ја предводеше Шпанија и до пехарот во Лигата на нации во сезоната 2022/23.

Инаку, селекторот испиша историја како единствен кој станал европски шампион во три различни категории.

Селекцијата на Шпанија до 19 години ја освои европската титула во 2015 година со Де Ла Фуенте на кормилото, а четири години подоцна стратегот направи нов подвиг со младинската репрезентација на континенталното натпреварување за играчи до 21 година. Од вчера Де Ла Фуенте може да се пофали со трофеј и во сениорското европско натпреварување.

Инаку, за малку ќе оствареше максимален успех и со олимписката селекција, или У23. Де Ла Фуенте и неговата Шпанија стигнаа до финалето на фудбалскиот турнир на Олимписките Игри во Токио, на кој за жал го освоија сребрениот медал.