КАЗЕМИРО НЕ СПИЕ ПОРАДИ ЈУНАЈТЕД: БОЛНО Е ДА СИ 20 БОДА ЗАД ЛИДЕРОТ
Објавено на: 09.04.2024
Манчестер јунајтед веројатно следната сезона нема да биде дел од европскиот крем, пласман во Лигата на Европа или Конференциската лига е пореално сценарио, а тоа е голем проблем за Каземиро.
Бразилецот во летото 2022 година пристигна на „Олд трафорд“ како големо засилување по трофејната авантура која ја имаше со Реал Мадрид, па иако сакаше да се наметне како спасител на англискиот гигант, тоа не му оди од рака бидејќи не може сé сам.
Последната изјава на Каземиро е загрижувачка за неговото лично здравје, особено откако откри дека не може да спие поради моменталната ситуација.
„Да се биде 20 бода зад лидерот на табелата е многу болно за мене. Често не можам да спијам кога размислувам на ова, барам начини што може да се направи поинаку. Ова е нашата реалност, нема смисла да зборуваме за борба за титула или Лигата на шампионите, кога сме далеку од двете. Мора да мислиме на натпреварите кои ни претстојат и да се обидеме да оствариме што е можно подобри резултати. Имав добар старт на сезоната, бев во тимот на месецот, но ова е тимски спорт и мора сите да придонесеме за да успееме во нашите цели. Не е Каземиро на 6-то место на табелата, туку сите фудбалери на Манчестер јунајтед“, посочи Каземиро.
По 31 натпревар, Јунајтед е на 6-то место на табелата со 49 бода, 11 помалку од Тотенхем, односно 22 бода зад Арсенал и Ливерпул.