Фудбал

ЛЕКЦИЈАТА ОД ПОРАЗОТ ОД СИТИ Е НАУЧЕНА И ЌЕ НИ ПОСЛУЖИ ДА ТРИУМФИРАМЕ ВО САБОТА

Интер по вторпат во последните три сезони се најде во ситуација да се бори за европската титула во Лигата на шампионите, а овојпат за противник го има францускиот шампион ПСЖ.

Пред две години Нероаѕурите не можеа да го совладаа Манчестер сити за да стигнат до пехарот во финалето во Истанбул, но лекцијата од тој пораз е научена и ќе послужи за да се искористи оваа нова шанса за континентален успех. Така вели Хакан Чалханоглу, еден од клучните играчи во составот на Инзаги.

„Емоциите владееја пред финалето со Сити, за повеќето играчи тој меч беше прво финале во карирата. Можеби изгоревме од желбата да го освоиме трофејот, но го оставивме срцето на теренот иако не одигравме на посакуваното ниво. Таа лекција е научена и верувам дека поуката што ја извлековме ќе ни послужи да триумфираме во сабота. Имаме максимален респект за ПСЖ, исто како што беше за Баерн и за Барселона“, истакна Чалханоглу.

Финалето ќе биде прв дуел меѓу ПСЖ и Интер од натпреварувачки карактер, досега се имаат сретнато само во три пријателски средби. Финалето во Минхен на „Алијанц“ арената е закажано за в сабота во 21 часот.