Фудбал

БОКСИНГ ДЕЈ: ДЕНОТ КОГА ФУДБАЛОТ СТАНУВА ТРАДИЦИЈА

26 декември не е само празничен датум во календарот на Британците, тоа е еден од најочекуваните денови во сезоната на Премиер лигата. Boxing Day носи уникатна комбинација од празнична атмосфера, фудбалска традиција и дерби емоција што ја прави Англија посебна на мапата на светскиот спорт.

Иако за утрешниот ден има само еден натпревар бидејќи густиот распоред и договор меѓу асоцијацијата и клубовите ги одложи „боксинг деј“ натпреварите за викендот кој следи, сепак и понатаму утрешниот ден и следниот период е:

  • симбол на издржливост и интензитет

  • дел од „празничниот маратон“ од неколку кола

  • тест за широчината на ростерите и физичката спремност на фудбалерите

ОД КОГА ПОТЕКНУВА БОКСИНГ ДЕЈ?

Фудбалот на Боксинг деј има историја подолга од повеќето модерни клубови. Англиските лиги уште во 19 век играле натпревари на 26 декември, бидејќи тоа бил ден кога работниците имале слободен ден, а стадионите се претворале во место за семејно собирање.

Во првичните години често се играле локални дербија и дуели меѓу клубови на мала географска оддалеченост. Причината била практична, тимовите патувале со воз или дури со кочии, па патувањата требало да бидат кратки. Но токму тие дербија ја изградиле магијата која и денес опстојува.

ЗОШТО ОВОЈ ДЕН Е ОБОЖУВАН ОД НАВИВАЧИТЕ?

Често се вели: „Кој ќе биде добар за Божиќ и Боксинг деј, ќе биде во трка за титулата или Европа до мај“.

Овој период е период кога се прават разлики меѓу кандидатите за титула од оние за Топ 4, прави притисок врз тимови со кратки клупи и може да донесе серија од 3–4 победи што ја менува целата табела.

Во само десетина дена може да се распадне или роди шампионска амбиција. А за фановите? Тоа се денови кога се оди на фудбал со своето семејство, неработните денови се за со блиските да се ужива во дерби дуелите и речиси совршен завршеток на годината.

За многумина, подарок билети за Боксинг деј се многу позначајни од било што друго што може да се најде под елката.