МИОВГОЛСКИ ВЕЌЕ СТИГНА ДО НЕГОВИОТ ЛАНСКИ УЧИНОК ВО АБЕРДИН
Објавено на: 31.01.2024
Бојан Миовски продолжува со својата голгетерска серија во дресот на Абердин и оваа сезона. Вчера против Данди јунајтед стрелаше од пенал за негов 11-ти гол во шкотскиот шампионат, за вкупно 18 погодоци сезонава во сите натпреварувања.
Македонецот со тој погодок го израмни неговиот учинок од ланската сезона, кога исто така постигна 18 гола, но разликата сега е што ќе може значително да ја подобри статистиката со оглед на тоа дека има уште најмалку четири месеци до крајот на актуелната сезона.
Во шкотскиот Премиершип засега стои на 11 гола, по 2 гола брои во Лига Купот, Конференциската лига и квалификациите за Лига на Европа, а еднаш ја затресе мрежата и во шкотскиот ФА куп. Миовски инаку бележи и 4 асистенции.
Овие бројки речиси да му гарантираат трансфер во подобар тим во летниот преоден рок, со оглед на тоа дека Абердин не дозволи негово заминување овој месец, иако се споменуваа тимови како Селтик и Саутемптон. Она што најмногу чуди е дека вредноста на трансфер пазарот на штипјанецот е само 2 милиони евра.
Колку би вредел Бојан да беше Бразилец, Шпанец или Англичанец? Сосема неважно, благодарни сме што го имаме и се надеваме дека голгетерската форма ќе ја пренесе и во репрезентацијата во прва прилика.